Битола крие многу тајни од минатото. Откријте ги! Следете ја Златната Линија и посетете ги Топ Дестинациите во Битола.

Хераклеа Линкестис

Heraclea Lyncestis
Штом го направиш првиот чекор низ тесните улички на Хераклеа под твоите нозе ќе се распостели историјата и минатото. Името на Хераклеа Линкестис неминовно го навраќа секој од нас со векови назад, во периодот на IV век п.н.е. кога овој град е основан од страна на Филип II. Наоѓајќи се на најзначајната сообраќајница од тоа време, Виа Игнација (via Egnatia), Хераклеа станува и најважна нејзина станица во регионот.
Ваквиот нејзин статус неминовно влијае и врз нејзиниот брз развој што е сосема очигледен не само од историските извори туку и од материјалните остатоци на денешниот локалитет.
Секој камен секој постамент обвиен со својата мистичност го носи бремето на минатото. Ги напластува врз себе и хелинистичкото време но и римскиот период. Ги испреплетува и ја создава единствената вистина за овој град каде наизменично се среќаваат градби од едно или друго време, каде се издигаат столбови и се протегаат мозаици.
Портикот од судницата (крај на III век) во кого стојат статуите на доброчинителот и првосвештеникот на Хераклеа – Тит Флавиј Орест, статуата на богинката на правдата и судбината – Немеза е првата градба која ќе ве дочека при прошетката низ Хераклеа. Водоводната мрежа (почетокот на IV век ) која се наѕира при секој следен чекор низ улицата не води и до Термата (почетокот на IV век) со своите три простории. Тие ќе прозборат за една друга, секојдневна димензија на човековото живеење за квалитетот на живот и за грижата за сопственото здравје и хигиена.
Но жителите на овој град не се грижеле само за овој свој земски живот затоа што тие сепак биле многу повеќе духовни битија. Нивната вера кон Бога, кон Христа, особено доаѓа до израз преку востановувањето на Хераклејската епископија и градењето на христијанските храмови. Малата Базилика со своите скромни димензии е само еден од христијанските храмови кој ви ја отвара душата и полека ве води во Големата Базилика, крај Крстилницата, но и во останатите простории на оваа импозантна градба. Подните мозаици присутни во базиликите како да се надоврзуваат на оние од Епископската резиденција и исполнети со илјадници ситни камчиња поставени во совршена хармонија ја плетат мозаичната приказна за христијанството и претставуваат своевидна оддишка на внатрешниот, духовен живот на населението. Претставите на подземниот и небескиот свет спротивставени на крволочноста на земскиот свет како да се трудат да ја одгатнат тајната на животот. Животот и смртта, доброто и злото, како вечни опоненти, длабоко се чувствуваат и во Театарскиот комплекс. Следјќи ја конфигурацијата на теренот неговиот архитект успеал целосно да ги вкомпонира дванаесетте редови на седишта, почесната ложа, скената (scaenae) и оркестрата и да ја доведе оваа градба до степен на совршенство.
Восхитот од театарските претстави го заменува ужасот од венаторските борби, борбата на човекот со ѕверот, која се одвива токму тука, на оваа иста арена. Тоа ги растревожува душите на посетителите и им предизвикува морници.
Суровоста на борбата, крволочноста на ѕверот и реките од крв, пролеани за време на овие борби, не можеле да ги измијата и исчистат, ниту водите од градската чешма која се наоѓа во непосредна близина на Театарот. Таа со својот непрекинат жубор единствено можела да ја раскажува оваа приказна повторно и повторно, и повторно …

Музеј Битола

Museum - Bitola
Секој од нас иако бескрајно ја сака иднината, сака да погледне и во минатото и да го почувствува неговиот мирис да го чуе неговиот звук. Секој камен од дворот на овој објект, секоја врата која се отвара пред нас ги чува звуците на минатото и на иднината. Во своите пазуви ги чува вековите и приказните за долгото постоење. Ги знае сите приказни и несебично ги подарува на секој оној кој сака да ги чуе.
Националната Установа „Завод и Музеј” – Битола денес е лоцирана во еден од најзначаните културно историски споменици во Битола, во објектот Стара касарна. Важноста и значењето на овој објект не се резултат само на неговата монументалност, туку и на историското минато, настаните и личностите кои тука престојувале.
20_01
Овој објект зграден во 1848 год. кога Битола го доживувала својот најголем развој, бил изграден како Воена гимназија – Идадие. Во 1900 год. оваа гимназија прераснала во Воена Академија – Харабие. Како таква функционирала сé до 1909 год.
Најзначајниот период од постоењето на оваа воена касарна е тесно поврзан со периодот кога во неа се школувал кадетот Мустафа Кемал Ататурк – таткото на модерна Турција.
Оваа зграда чија адаптација во Музеј се изведуваше од 1983 год. претставува вистинска ризница каде се чуваат и презентираат највредните културно историски богатства на регионот. Илјадниците експонати од кои само дел се изложени, ги чуваат цивилизациските вредности на различните епохи, формирајќи ја на тој начин културно – историската карта на регионот. Непрекинатиот период на постоење на различни култури, нивната симбиоза, континуиран просперитет и нивната разноликост овозможуваат присуство на една таква шареноликост што ретко каде се среќава на толку мал простор.

Спомен соба на Мустафа Кемал Ататурк

21

Богатството на експонати (археолошки, етнолошки, историски и др.) се еден дел преку кој можеме да станеме сведоци на сопственото минато. Постојаната археолошка поставка каде се проследуваат различните етапи од историјата на ова поднебје, Градската соба, Спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк како и бројните повремени изложби од различни области им даваат можност на посетителите да го почувствуваат духот на минатото и барем за момент да откраднат еден миг од историјата која ја создавале минатите генерации. Но и овој миг во следниот момент ќе биде историја, па затоа секој од нас постојано станува дел од оваа наша заедничка историја, од ова наше постоење.
Museum Exhibition
Музејска поставка

Црква Св. Димитрија

St Dimitrij

Звукот на камбаната одекнува низ воздухот и ја растреперува душата. Се радува на новите животи и жали за оние кои веќе поминале. Се радува и плаче. Одекнува како вековен дамар на градот. Делумно вкопана во земја црквата Св. Димитрија е сведоштво за досетливоста и мудроста на нашиот неимар.
Да можеме да погледнеме назад во историјата и да ги одгатнеме тајните на минатото сигурно ќе наидеме на безброј изненадувања.
Камбанаријата изградена стотина години подоцна од оваа катедрална црква доминира во тој простран двор и со своите звуци како да повикува да влеземе. Чекорејќи полека влегувајќи во широкиот двор кој се отвора пред нашите очи ќе здогледаме масивна но едноставна камена градба.
Годината 1830 кога е изградена оваа црква не претставува само хронолошки знак туку само еден фрагмент од вечноста. Тоа не се празни содржини затоа што ниту еден човеков момент, ден или година не можат да бидат празни. Тие се исполнети со радост и среќа, со болка и страдање, со живот и смрт.
23_03
Влегувајќи низ еден од влезовите на застаклениот трем ќе го почувствуваме мирисот на темјанот и свеќите кои со растреперени раце ги палат верниците. Молејќи се за здравје и среќа или пак оддавајќи почит на починатите, тие за момент го запираат времето и влегуваат во друг свет. Само во овој храм на ваков начин може да се почувствува божјиот мир. Изградена на местото на некогашниот стар параклис кој изгорел во пожар со посебно одобрение, и спрема султановиот берат, била повторно изградена. Но таа и покрај сите желби да биде висока велелепна градба според турските закони не смеела да биде повисока. Затоа вкопувањето во земја бил најдобриот начин да се испочитува законот, а притоа да се постигне саканата цел. Израдена за само четири месеци со доброволни прилози од битолските христијани, а без оглед на нивната етничка припадност, овој храм повторно изникнува од пепелта и станува место каде верниците слободно се обраќаат кон бога.
Многубројните еснафи: абаџии, чојаџии, бакали, меанџии, папуџии, кујунџии и др. секој според можностите, но несебично ја помагаа изградбата на овој светол храм. Неговото внатрешно богатство ќе се распостели пред нас штом зачекориме надолу по скалите спуштајќи се во околу 1м вкопаната во земја тробродна базилика. Тогаш пред нашите очи се отвора огромна просторија од која се слуша Божјото Слово. Два реда на масивни столбови по шест од двете страни ја делат црквата на три брода од кои централниот е најголем. Централниот брод е засводен, а неговите краеви се потпираат на двата реда столбови. Спратните галерии и целокупниот црковен мобилијар му даваат посебна убавина на овој храм. Размислувајќи за раскошот и чувствувајќи го мирисот на темјанот, пред нас се отвараат три олтари високи и величествени. Централниот е посветен на Св. Димитрија, јужниот Благовести и северниот на Св. Никола. Целиот иконостас е изработен во позлатена резба од вештите раце на засега непозната резбарска тајфа, но сигурно составена од македонски мајстори. Колку само лози и листови се испреплетиле за да ја исплетат оваа магија. Таа ги прегрнува бројните икони кои ја раскажуваат приказната за христијанството. Лавовите чувари на храмот ја следат истата древна семантика и гледајќи од велелепниот иконостас во секој од нас влеваат стравопочитување пред оваа убавина.

Саат кула

Clock Tower
Секој објект си има своја приказна која се предава од генерација на генерација. Нејзината вистинитост никој не ја проверува затоа што приказните се за да се прераскажуваат. Единствената неодгатната приказна за оваа Саат Кула е приказната за 60.000 те илјади јајца кои турската власт ги собрала од населението за да бидат искористени за нејзината изградба, за да биде поцврста и поотпорна.Звукот на ѕвоната, музиката, се разлева низ просторот, низ малиот парк исполнет со убавина.
Новите љубови, новите симпатии се плетат во нејзиното подножје затоа што само таа знае како се чуваат тајни.
Убава и едноставна приказна зар не?
Според старите преданија денешната Саат кула е изградена во истиот период кога во нејзина непосредна близина се градел и православниот храм Св. Димитрија, во триесеттите години на XIX век, иако постоењето на саат кула во Битола се споменува уште од XVII век.
Изградена е од масивни камени блокови. Главниот и воедно најдекоративниот дел од Саат Кулата го сочинува делот каде се поставени бројчаниците, и тоа од сите четири страни по еден.
Clock Tower
Влезот во Саат Кулата оивичен со големи мермерни блокови се наоѓа на северната страна а стотина скалила водат до нејзиниот часовник, до нејзиниот врв на приближно 32 м. На секое скалило нова инфомација, нова трансформација. Тие скалила водат до врвот од каде во минатото се огласувале големите метални ѕвона кои го означувале времето. Во 1927 год. поставен е првиот бројчаник и саатен механизам изработен од германската компанија „Конфаге”, но извршени биле и некои измени. Лицата задолжени да ги удираат камбаните биле заменети со сајџиите кои се задолжени за одржување на саатот и сатниот механизам. Првиот бројчаник бил бел со црни броеви и стрелки и бил помал од сегашниот. Овој саатен механизам бил заменет во 1936 год. , кога биле поставени и нови 15 ѕвона, тешки 900 кг, – знак на благодарност за изградбата на Спомен гробницата на германските војници загинати во Првата Светска Војна.
Во 1962 год. механизмот е обновен, а во 1970 год. поставена е и клавијатура за изведба на нови композиции. Оваа Саат Кула е една од вкупно 180те во светот во која бил вграден ваков механизам. Музичките композиции ја прават уште поневообичаена. На секои шест часа се огласува една од вкупно шесте композиции: ”Битола Бабам Битола”, ”Билјана платно белеше” …..
Оваа Саат Кула не е само симбол на времето кое одминува незапирливо туку таа е симбол на величественоста на Битола и на нејзиното опстојување. Стрелките отчукуваат во знак на минатото, но го означуваат и новото време.

Безистен (Покриен пазар)

Bezisten (Covered Bazaar)

Наутро во центарот на градот, крај кејот на реката Драгор четири големи железни порти го отвораат светот на убавината. Луксузот повикува од секој дуќан.
Свилата, срмата и други скапоцени ткаенини се обвиткуваат околу телото, го дотеруваат, го стокмуваат.
Навечер се затвораат ги чуваат и кријат во своите пазуви убавините, богатството.
И така секој ден до денес…….
Слушајќи го жуборот на водата, чувствувајќи го ветерот во лицето стои сам. Одеделен од своето јадро одделен од чаршијата тој останува како осамен сведок на времето кое поминало.
Наоѓајќи се во непосредна близина на градскиот центар, Безистенот е една од највпечатливите и најстарите градби во Битола од периодот на отоманското владење. Со бројните куполи со кои наликува на тврдина, со трите внатрешни улички и со четирите големи метални порти тој е еден од најголемите покриени пазари во регионот. Изграден е во XV век од страна на Румелискиот Беглер бег, големиот везир и познат ктитор Кара Даут паша Узунчаршили.

Bezisten (Covered Bazaar)
Иако овој објект изгледа мошне сигурно, сепак во текот на своето постоење честопати бил ограбуван и опожаруван, но сепак опстанал. Во рамките на Безистенот кој во периодот од изградбата па сé до XIX век честопати бил доградуван и преградуван влегуваат голем број на дуќани во кои се продавал текстил и скапоцени ткаенини. Тој воедно претставувал и своевиден трезор каде во посебни делови се чувале парите од даноците од целиот Румелиски Вилает пред да бидат однесени во царската благајна. Од XIX век во него имало вкупно 84 дуќани. Денес повеќето од нив се современо опремени и се продаваат најразлични стоки. Сепак и покрај сите внатрешни трансформации надворешниот изглед на Безистенот останал речиси непроменет.

Стара чаршија

Old Bazaar

Ако само пред неколку децении тргнеше од Дрвен Пазар до Ат Пазар, тесните камени сокаци ќе те одведеа низ триесетина чаршии. Секоја од нив одзвонува со свој посебен звук со свој посебен глас. Студенилото на каменот заменето со топлиот збор на мајсторите – мајтапчии и калфите – досетливи. Постари и помлади, совети и поуки.
Секој камен од тие калдрмени улици илјадници пати во денот ги чувствува туѓите чекори како вјасаат да откраднат поголемо парче од денот.
Коњите каскаат, камилите и дрвените коли натоварени со најубави стоки од Виена, Париз и Стамбол, Далечниот Исток со своето крцкање го параат воздухот, толку пријатно…
Како еден од најзначајните занаетчиски центри во Македонија а и пошироко, во текот на 19 век, во Битола постоеле и се развивале околу 140 занаети или професии. Сите тие лоцирани на триесетина различни пазари, во различни улички, групирани во посебни еснафски организации со сопствени управни тела. Ат Пазар, Овчи Пазар, Житни Пазар, Маст Пазар, Тус Пазар, Пекмез Пазар, Дрвен Пазар и уште многу други ќе ве пречекаат со раширени раце. Ќе Ве повикаат анџиите и меанџиите да се одморите и да се нагостите. Бозаџиите и салепџиите ќе ве заблажат, а ќе Ве дочекаат чаршиите и трговците.
Старата Битолска Чаршија со околу 900 дуќани, беше дамарот на градот каде сé се создаваше и каде сé се продаваше. Во неа се насетуваше животот на Битола. Бројните занаети и професии го диктираа темпото на животот на целокупното население и од градот, но и од околните места.
Ударите на чеканот, звукот на машините, сјајот на срмата и сребрените нишки кои блескаат од излозите ве мамат со својата убавина.
Пазарните денови беа особено бучни исполнети со трговски надмудрувања и купувачки негодувања. Но сепак сите тие завршуваа најчесто на општо задоволство. Дрвените дуќани со дрвени ќепенци во пожари изгорени, а нови поцврсти напрвени и со метални кепенци затворени. Затворањето на кепенците, претставуваше момент на привремено затајување и подготовка за утрешниот ден. И додека терзиите, срмаџиите, кондураџиите, опинчарите, калајџиите, златарите, кујунџиите и другите заминуваа на заслужениот одмор, низ чаршијата се ширеше звукот на чалгиите а мирот кој постепено завладуваше доцна во ноќта го нарушуваа фурнаџиите, анџиите, симитџиите и бурекџиите кои со мирисот на свежо приготвените јадења го будеа новиот ден.
Новиот ден ист, а пак поинаков од претходниот.
Кепенците железни постојат но тие не ги кријат некогашните занаетчиски дуќани, туку ги затскриваат современо опремените продавници. Со својот шкрипот го носат утрото и со него ја најавуваат вечерта. Ја будат љубопитноста и го бараат жагорот на оние кои останале последни. Ѕвончарите, шапкарите, папуџиите, ковачите и метларите наспроти свеќарите, локумџиите и леблебиџиите. Овие последните како симбол на материјалното и духовното на нераскинливоста помеѓу животот и смртта.

Исак џамија

27_01
Во близина на мостот каде луѓето не се разминуваат туку застануваат да поразговараат, во близина на мостот кој понекогаш дели различни светови и судбини тука денес по којзнае кој пат се сплотува минатото и сегашноста.
Исхак Челеби Ибн Иса џамија е изградена во 1506 год. и таа е една од најстарите зачувани џамии во Битола. Наспроти Саат Кулата, и Големиот Безистен, оваа џамија чиј минарет е висок околу 50 метри, едноставно доминира во просторот.
Оваа џамија била само дел од големиот вакаф на ктиторот кој освен оваа џамија изградил и медреса, мектеб, 103 дуќани, лозја, 20 воденици и многу други објекти. Целокупниот овој имот требало да биде издржуван од приходите од неговите дуќани во чаршијата, но и од приходите од останатите делови од неговиот имот.
Оваа еднопросторна подкуполна џамија опкружена со секогаш негувано зеленило претставува вистинско почивалиште за душата на нејзиниот ктитор, но и на верниците кои тука доаѓаат тивко да ги изречат своите молитви или едноставно да ги сослушаат божјите зборови. Изградена во техника „клоазоне”, каде наизменично се менуваат делкан камен и тула, се добива необичен но привлечен изглед на овој значаен објект.

27_02

Самиот влез во објектот всушност претставува влез во двојниот затворен трем на џамијата кој со својата пространост само ја најавува големината на внатрешниот дел од џамијата. Четирите столбови, поставени на високи камени постаменти, завршуваат со идентични капители. Овие столбови кои доминираат во просторот се главниот декоративен елемент во тремот.
isak dzamija
На северозападниот ѕид од тремот се наоѓа главниот портал. Низ овој влез верниците со својот бесшумен чекор газејќи полека и смирено влегуваат во молитвениот простор. Таму ги дочекува раскошна богато сликана декорација врз која си поигруваат зраците кои се прекршуваат на бројните полиелеи играјќи ја вечната игра на светлина и сенки.
Бројните декоративни елементи се присутни и кај михработ, мимбарот но и кај кјурсот. Декорацијата на овие елементи најчесто е геометриска не нарушувајќи го комплетниот амбиент на џамијата.
Играта на боите и формите се отсликува на секој дел од џамијата. Смената на сиво – црната, сината, златната со појаките кобалтно – сината, темнозелената, темноцрвената боја и дава своевидна посебност на оваа џамија.
Нејзината специфичност не може да биде комплетна ако не се спомене позлатената левха во форма на диск која е подарок од султанот Решад V, а која и денес се чува со исклучително внимание.

текстот е преземен од порталот: www.bitola.info

Битола – Топ Дестинации