Битола е град во југозападниот дел на Македонија и е административен, културен, економски, индустриски, образовен и научен центар за овој дел од Македонија.
Градот е познат и под името „град на конзулите“ . Битола е трет по големина град во Македонија според бројот на жители, додека по површина е втор.
Во текот на историјата, во зависност од владетелите, градот Битола имал многу имиња. Словенскиот назив за градот, Битола, потекнува од зборот Обител (старословенски овој израз до денес се употребува и во хрватски: Обитѣль) кој за време на средниот век се користел за заедница на монаси, како фамилија односно манастир. Името го добил по многуте манастири што се наоѓале во градот и во околината, а некои постојат и денес. Со текот на времето, гласот О се исфрла во изговорот на зборот „Обител“, и името на градот станува Битола. Грците од истите причини градот го нарекувале Монастири (грчки: Μοναστήρι).
Битола е денешен официјален назив за градот, но истовремено и најстариот назив, судејќи по Битолската плоча од 1015 година на којашто градот е спомнат, како и според многуте војсководци на царот Самуил, како и патниците од тоа време. Арапскиот патник Абу Абдалах Мухамед ал-Идриси во 12 век напишал: „Потребни се два дена патување на исток за да се стигне од Ахрид (Охрид) до Бутили (Битола). Бутили е необичен и убав град“.
Постојат приказни според кои на десниот кеј на реката Драгор имало 41 цркви и исто толку воденици за нивно издржување. Исто така и на левиот кеј на Драгор имало 29 цркви со исто толку воденици. За време на празничните денови во тоа време, народот од селата од Битолското поле се собирале кај овие цркви каде ги вршеле своите верски обреди. Со оглед на тоа што земјиштето на кое се наоѓал градот Битола тогаш било прекриено со многубројни цркви, градот го добил името Манастир. Има верзија која вели дека градот Битола името Манастир го добил по една огромна црква која се наоѓала над Битола, кај сегашниот мост викан Црн Мост (турски јазик: kara köprüsü). Во оваа црква можеле да се сместат сите присутни од селското население од битолското поле кои доаѓале за време на празниците да ги вршат верските обреди.
Според записите на Марко Цепенков, градот Битола своето име го добил по големопоседникот Тољо, кој имал своја тврдина во близината на денешното битолско село Буково. Во времето кога дошле Турците да го освојат овој дел од Македонија, за да го повикаат на борба големопоседникот Тољо, му велеле „Би Тољо, до би Тољо“, со што според Марко Цепенков од таму потекнува денешното име на градот Битола.
За време на отоманските власти, градот се викал Манастир, што Турците и Албанците го усвоиле од Грците. После Балканските Војни од 1913 градот потпаѓа под српска окупација и повторно го добил старото име Битола.

Историја на Битола

Најстарите неолитски живеалишта откриени во Пелагониската Котлина зборуваат за еден исклучително долг континуитет на постоење на живот на овие простори. Достигнувањата во сферата на материјалната култура на неолитскиот човек зборуваат за неговиот висок сензибилитет и изнаоѓањето на рамнотежа помеѓу неговиот внатрешен духовен живот и неговиот “реален”, материјален свет.
Бројните жртвеници преку кои се обидувал да ги отслика своите внатрешни чувства и емоции, и својата вечна потрага по божественото, женските фигури со нагласени репродуктивни органи, Божицата Мајка преку кои тој го манифестира нагласеното значење на култот на плодноста, се само одредени сегменти од културата на неолитскиот човек. Откривајќи ги нив, проникнуваме во суштината на еден исклучително богат и значаен период на човековото постоење на овие простори.
Најстарите неолитски живеалишта откриени во Пелагониската Котлина зборуваат за еден исклучително долг континуитет на постоење на живот на овие простори. Достигнувањата во сферата на материјалната култура на неолитскиот човек зборуваат за неговиот висок сензибилитет и изнаоѓањето на рамнотежа помеѓу неговиот внатрешен духовен живот и неговиот “реален”, материјален свет.

 

Model of house altar, dedicated to the Goddess Protector of home
Model of house altar, dedicated to the Goddess Protector of home

Модел на куќа жртвеник, посветен на Богинката Заштитничка на домот

Бројните жртвеници преку кои се обидувал да ги отслика своите внатрешни чувства и емоции, и својата вечна потрага по божественото, женските фигури со нагласени репродуктивни органи, Божицата Мајка преку кои тој го манифестира нагласеното значење на култот на плодноста, се само одредени сегменти од културата на неолитскиот човек. Откривајќи ги нив, проникнуваме во суштината на еден исклучително богат и значаен период на човековото постоење на овие простори.
Доцниот неолит со своите карактеристики претставува своевиден предвесник на достигнувањата кои потоа служат како основа врз која едно по друго се појавуваат и менуваат Бронзеното и Железното време.

Доаѓањето на Словените

Доаѓањето на Словените на овие простори кон крајот на VI и почетокот на VII век претставува своевидна пресвртница во историскиот развој на регинот, а особено во создавањето на Битола.
Историјата на оваа нова словенска населба која се формирала во близина на некогашниот град Хераклеја започнало да ја испишува словенското племе Брсјаци, кон средината на VII век, кое одиграло најзначајната улога во создавањето на градот. Се претпоставува дека во периодот на XI век, за прв пат се среќаваат и првите пишувани информации за Битола која се споменува под името Бутелла, Бутили, Обител, подоцна Монастир и Манастир за да сепак најважно, и до денес зачувано остане, името Битола. Во овој период се споменува дека византискиот цар Василиј II, при своите воени походи низ Пелагонија ги запалил и царските дворци на Гаврило Радомир во Битола.
Иако Василиј II опустошил голем дел од Пелагонија но градот сепак не успеал целосно да го заземе. Бидејќи средновековните градови секогаш имале свои тврдини кои населението во случај на војни ги користело како засолништа, но и како одбрамбени објекти, таква тврдина сосема разбирливо постоела и во Битола. Оваа тврдина во периодот на долгогодишните и постојани напади била значително оштетена па затоа царот Јован Владислав во 1016 год. наредил таа да биде обновена. Претпоставуваме дека на влезот на оваа тврдина била поставена мермерна плоча, во научните кругови позната и под терминот Битолска плоча, каде за прв пат се споменува словенското име на градот, а нејзиното значење е толку поголемо што таа претставува и најстар споменик испишан со кирилското писмо на ова подрачје.

The board from Bitola
The board from Bitola

Битолска плоча

Битола играла мошне значајна улога и во религиозниот живот на населението. Битолската Епископија која била подчинета на Охридската Архиепископија, претставувала и своевиден наследник на епископијата на некогашниот град Хераклеја. Турбулентните времиња, честите борби, пустошења и грабежи оставиле свој белег врз населението и врз градот. Нападите на крстоносците, епирските, бугарските, латинските и српските завојувачи помалку или повеќе оставиле свој белег и допринеле за влошување на и така лошата состојба на населението. Српското завладување во времето на цар Душан само ја надополнило сликата на бројните војни и завојувачи, за да ваквиот период привремено се смири со владеењето на Волкашин односно неговиот син Крали Марко.
Битола во овој период постепено започнува да се вообличува во значаен трговски центар со многу јаки трговски врски со Венеција, Дубровник но и со многу други градови кои во тој период играле важна улога во европската и светската трговија. Таа во исто време била и место каде се складирале најразлични странски трговски производи кои потоа биле наменети за понатамошен транспорт на пошироките пазари.

Турско владеење

Почетокот на турските завојувања на Балканот најавиле и нова ера на живеење. Турските војски во текот на 1382/3 год по многу тешки и крвави борби и по исклучително жестокиот отпор кој го пружило локалното население конечно успеале да ја освојат Битола. Според некои легенди многу жесток отпор на турските освојувачи му пружиле и монасите од седумдесетте манастири и цркви кои во тој период постоеле во Битола. Хаџи Евронос беј кој се наоѓал на чело на турската војска револтиран од жестокиот отпор на кој наишол при освојувањето на градот наредил да се урне и битолската тврдината.
Крвавите битки кои се воделе во овој период влијаеле врз масовно раселување на еден поголем дел од населението од Битола во околните села, што делумно го олеснило колонизирањето на несловенско муслиманско население. Така во овој период биле колонизирани поголем број на Турци, Черкези, Јуруци, Коњари и Роми. Ваквата состојба ја изменила сликата на градот затоа што за потребите на новодоселеното население се граделе различни исламски објекти, џамии, медреси, амами, сараи и вооп што сé она што било потребно за нормален живот на тоа население.
Од овој период всушност започнува и „ориенталното” вообличување на градот што било резултат токму на изградбата на ваквиот тип објекти, но и на ориенталните градителски техники и стилови. Во периодот на XVI – XVII век, период на историски но и културни промени, од страна на турската администрација градот Битола започнува да биде именуван како Манастир или Толи Манастир. Сепак во целиот период на своето постоење името Битола никогаш не било заборавено туку напротив од страна на христијанското население тоа било во секојдневна употреба.
Се претпоставува дека името Манастир е резултат на легендата за седумдесетте цркви и манастири кои постоеле во Битола во периодот на доаѓање на Турците или пак како што Евлија Челебија раскажува дека на овој простор уште во времето на Александар Велики постоел голем манастир поради што и самото место било наречено Манастир. Иако овие информации не може со сигурност да се потврдат сепак сосема е веројатно бројот на црквите и манастирите да биде причина зошто овој град го добил името Манастир.
Битола поради својата местоположба, на крстопатот помеѓу сите најзначајни патни правци (исток, запад, север и југ), уште од најраниот период на турското завладување го добила заслуженото значење при што станала значаен воено – стратешки центар што било само потврдено во 1830 год. кога таа станува и политички центар на Румелискиот Вилает. По распаѓањето на тимаро – спахискиот систем и интензивираните малтретирања од страна на чифликсајбиите дошло и до нови промени во етничката структура на населението во Битола. Во врска со ваквата ситуација важно е да се спомене повторното населување на дел од христијанското население од селата во градот.
Етничката и верската разноликост и толеранција доаѓа до израз и при доселувањето на голем број Евреи од Шпанија и Португалија во текот на XV – XVI век. Со нивното доаѓање биле извршени значајни структурни промени во етничкиот и верскиот состав на населението. Евреите додале свој поинаков печат на времето во кое опстојувале на овој простор. Со влегувањето на овој поинаков етнички и културен елемент се зголемила разноликоста на културната слика на градот. Начинот на облекување, исхраната, религиските убедувања наоѓале свој одраз во секојдневното опстојување и функционирање на градот. Двете најголеми еврејски синагоги, кои денес за жал не постојат, биле значаен елемент во религиозната разноликост на градот.

Interior of the Synagogue in Bitola ( The synagogue was located near the Bezisten)
Interior of the Synagogue in Bitola ( The synagogue was located near the Bezisten)

Ентериер на синагогата во Битола (се наоѓала во близина на Безистенот)

Со доаѓањето на Евреите во Битола започнале да се чувствуваат и промени во развојот на трговијата и занаетчиството. Евреите како познати трговци дале неоспорен допринос во развојот и проширувањето на трговските врски на Битола со најзначајните европски и светски трговски центри. Со доселувањето на Евреите во Битола не биле запрени етничките промени во регионот, затоа што веќе во XVIII век во околните села, но и во градот, се чувствува сé поголемо присуство на Власи.
Главната причина за ваквите процеси се должи на долгогодишните злосторства и грабежи кои ги вршел познатиот разбојник Али – паша Јанински. Тој во 1788 год. го запалил градот Москополе по што голем број на Власи своето уточиште го нашле во Битола. Власите како и Евреите дале свој допринос во развојот и на занаетчиството, но можеби и повеќе во развојот на трговијата.
Под влијание на сите овие настани Битола се развивала со мошне забрзано темпо станувајќи најзначаен трговски центар на Балканот. Во овој период градот добива и една поинаква физиономија. Расположен во пелагониската котлина, опкружен со илјадници стогодишни дрвја и исполнет со дрвореди тој претставувал своевиден рај. Реката и десетината камени или дрвени мостови, убавите приземни или на спрат изградени куќи поделени во дваесет и едно маало ја сочинувале исклучителната физиономија на градот.
Во почетокот на XIX век, период на економски просперитет, во Битола постоеле многу пазари и околу триесетина други локации каде се произведувале и продавале различни производи, но сепак сите тие поделени според видот на стоките и производите кои на нив се продавале: Дрвен Пазар, Житни пазар, Маст Пазар, Ат Пазар и др.. Некои од овие топоними каде во минатото постоеле вакви пазари и до денес го зачувале истото име иако пазарите одамна не постојат. На овие пазари можеле да се слушнат најразлични јазици и да се склучат најразлични договори.
Скоро и да не постоел трговец во градот кој не зборувал барем еден странски јазик. Освен диференцијацијата на пазарите според видот на стоки и производи кои на нив се продавале значајна била и диференцијацијата на по одделни занаетчиски дејности.

Wooden Market in Bitola (End of XIX cent.)
Wooden Market in Bitola (End of XIX cent.)

Дрвен пазар во Битола (Крај на XIX век)

Во периодот на процут на занаетчиството во Битола постоеле преку 130 видови на занаети, наменети за задоволување на потребите на населението и војската, но и производи наменети за странските пазари. Занаетите биле поделени според видови на различни локации или пак во различни улички во чаршијата. Во современи услови бројот на занети кои опстојуваат е исклучително мал но сепак до денес останале некои од имињата на занаетите по кои се препознавале одредени улички во делот од чаршијата. како што е случај со уличката „кај ѕвончарите”, “кај ковачите” и сл.. Овие локации и термини кои се зачувале до денес а кои навидум се само обични податоци во својата суштина ја кријат приказната за едно друго време и едни поинакви услови, па според тоа нивното културно значење е огромно.
Трговскиот и занаетчискиот подем на градот сосема разбирливо довеле и до своевиден економскиот просперитет на Битола. Развиените трговски врски со големите европски центри овозможувале проток на различни информации и различни трендови. Економскиот просперитет на Битола во текот на XIX век извршил и своевидно влијание во акцентирањето на неговата стратешка и политичка улога. Взаемното дејствување на политичките и економските интереси довело до создавање на една поинаква слика на градот.
Седумдесетте верски објекти, кои ги споменуваа патеписците, од кои некои како вредни културни споменици се зачувани и до денес, требало да претставуваат дом за сите муслимански верници во градот каде освен цивилното муслиманско население во еден период биле стационирани и 30000 војници. Оваа повеќеилјадна војска била стационирана во Црвената и Белата Касарна кои биле изградени во 1837 односно 1844 год.

Military barracks - Red and White in Bitola
Military barracks – Red and White in Bitola

Црвената и Белата Касарна, Битола крај на XIX век

Средината на XIX век е период кога најголемите европски сили сакајќи да го зајакнат своето влијание на Балканот, а потоа и да го прошират кон исток започнуваат да ги засилуваат своите дипломатски активности. Ваквите интереси довеле до оформување на една нова поинаква „Конзулска Битола”. Може слободно да се рече дека во овој период Битола достигнува највисок економски, политички, па и културен просперитет. Ова е период кога најмоќните европски сили Англија, Австрија, Франција, Италија, Русија, Србија, Романија, Бугарија и Грција во Битола отворија свои конзуларни претставништва.
Афинитетите на некои од наведените држави и нивните конзуларните претставништвата изразени преку пропагандата, не биле само политички и економски туку и територијални што ќе се покаже подоцна при поделбата на Македонија. Развиените трговски врски со Виена, Лајпциг, Трст, Марсеј, Цариград и други значајни трговски центри со отварањето на дипломатските претставништва само биле продлабочени. Економскиот просперитет на градот влијае и врз отворањето на големата Отоманска Банка, на Француската Банка и на уште неколку вакви големи финансиски институции.
На ваков начин економски но и политички Битола станала место каде лесно доаѓале и се прифаќале најразлични влијанија, но овој пат европски. Врз традиционалните градителски техники се надградуваат новите европски стилови и влијанија. Куќите во декоративна смисла ја добивале физиономијата на европски куќи какви што се среќавале во европските градови, но во смисол на фунционалноста тие останале во рамките на традицијата.
Некогашните долапи постепено се заменуваат со најразлични креденци и шкафови. Порцеланот станува сé поприфатен од богатите битолски фамилии. Некогашните обични газиени ламби се заменети со нови порцелански увезени од Виена, Лајпциг, Минхен. Клавирите и пијаната кои ги имало во огромен број во градот стануваат предмет на престиж. Дури и оние битолски фамилии кои немале нити еден музички образован член поседувале свои клавири затоа што тоа им обезбедувало своевиден углед во градот. Оттука всушност доаѓа и епитетот „град на клавирите”. Промените се чувствувале на секој чекор. Европската мода ја заменила некогашната традиционална облека.

Exhibition – The Pianos in Bitola (NI Institute and museum Bitola)
Exhibition – The Pianos in Bitola (NI Institute and museum Bitola)

Изложба – Клавирите во Битола (НУ Завод и Музеј Битола)

Широк Сокак, главната градска улица станала место каде богатите дами и госпоѓи секогаш дотерани по најнова мода, шушкале со своите фустани предизвикувајќи бројни воздишки и привлекувајќи туѓи погледи. Во околните меани и кафеани најчесто пропратени со кафе, локум и цигари се воделе најразлични дискусии, се зборувало за актуелните политички или економски случувања, се договарале нови трговски зделки, но се дофрлале и шеретски погледи кон младите госпоѓи кои токму тука пред овие господа излегле да се прошетаат. Звуците на пајтоните и серенадите биле речиси нераскинлив придружен елемент на секојдневието на Широк Сокак.

"Dembel Carsija"
“Dembel Carsija”

Дембел Чаршија

Излетите на некое од дваесеттината околни излетнички места или пак на Тумбе Кафе, обилните јадења, студената и бистра вода со која изобилува пределот како и високите молики го правеле овој амбиент толку топол што едноставно овој град го приврзувал за срце.
Овој период на раскош, вечерни балови, журови и конзулски забави не бил многу долг. Покрај целокупното изобилство и богатство на градот и одреден круг на негови жители, сепак Битола претставувала и град во кој бројот на сиромашните бил исклучително висок. Ваквиот контраст на градот всушност бил дел од неговото секојдневие, дел од неговото битисување и опстојување, што воопшто не го нарушувал општиот впечаток за градот. Лошата економска состојба кај дел од населението не само во Битола туку и воопшто во Империјата, постепено наоѓа одраз и во нејзините бројни внатрешни превирања што довело до драстични општествени и политички промени.
Целокупниот револт и гнев кој населението го собирал во својата душа во петстотините години турско ропство нашло своевиден одек во настаните кои следувале. Теророт и убиствата претставувале увертира која ги забрзала и интензивирала подготовките околу подигањето на востание кои не ја одминаа Битола. Убиствата на неколкумина видни битолчани кои се случиле само неколку месеци пред востанието, а кои биле резултат на турската одмазда за солунските атентати, само го зголемувале вриежот и незадоволството на широките народни маси.
Илинденското Востание и покрај сета преданост на населението и покрај сите желби и подготовки сепак по еден краток успешен период заврши безуспешно. Тоа повторно доведе до колежи, убиства, максимална суровост во секој поглед. На очиглед на сите биле измачувани и убивани бројни востанички групи и нивни помагачи. Тропотот на пајтоните бил заменет со тропотот на прангите кои одекнувале по улиците носејќи ги во неповрат борците за слобода. Периодот кој следеше, обидите за продолжување на секојдневните активности на населението сепак не доведоа до оној некогашен сјај на Битола.

Memorial museum in village Smilevo dedicated to the Ilinden uprise and Smilevo Congress
Memorial museum in village Smilevo dedicated to the Ilinden uprise and Smilevo Congress

Спомен соба „Смилевски конгрес“, Меморијален музеј с. Смилево

Младотурската револуција довела ред промени кои мошне интензивно се чувствувале и во Битола како еден од центрите на моќ на турската империја во овој дел на Балканот.
Објавувањето на Хуриетот во 1908 год. масовно било прославено на Широк Сокак од страна на младотурците но и од страна 1.200 те политички затвореници кои тие ги ослободиле од битолските затвори. Задушувањето на превратот на режимот му обезбедило уште неколкугодишно владеење.

 Enver bay - leader of the Young Turks Revolution

Enver bay – leader of the Young Turks Revolution

Енвер беј – водач на младотурската револуција, фото Манаки

Еден многу важен момент од овој период за Битола е посетата на турскиот султан Решад V во 1911 год. кога битолските кујунџии му подариле рачно изработена позлатена масичка и златна мастилница. Покрај сиот сјај на султановиот пречек набрзо доаѓа до вистински пад на турското владеење со Битола.

The jeweler Fila with his coworkers who made the table of gold and silver, a gift from the Munici pality to the sultan Reshad V, filmed at front of the store of artisan Fila, (1911)
The jeweler Fila with his coworkers who made the table of gold and silver, a gift from the Munici pality to the sultan Reshad V, filmed at front of the store of artisan Fila, (1911)

Златарот Фила со соработниците кои како подарок на општината за султанот Решад V изработиле масичка од злато и сребро, снимени пред дуќанот на фила (1911 г.)

Сјајот и падот на величествената Битола, неговото богатство и сиромаштија остана засекогаш овековечена од оштрото око на првиот снимател на Балканот Милтон Манаки. Секоја негова фотографија, секој кадар и секоја сцена ни овозможува и денес сосема јасно да го согледаме одмотувањето на историските јазли и историските настани. Тие негови слики останати да сведочат за едно друго време ни ја прикажуваат состојба и времето токму онака како што Манаки и неговите современици ја гледале и како што реално ја живееле.

Manaki brothers - Janaki (left) and Milton (right)
Manaki brothers – Janaki (left) and Milton (right)

Браќата Манаки – Јанаки (лево) и Милтон (десно)

Балкански војни

Првата Балканска војна, засекогаш ставила крај на петвековното турско владеење во Битола и Македонија. По неа следувала Втората Балканска Војна, така што светлината на ослободувањето била со краток век затоа што едното ропство било заменето со друго. Прокламирајќи се како ослободители српските војски набрзо ги покажале своите вистински територијални аспирации. Со поделбата на Македонија и со поставувањето на границите со Грција дошло до значителен застој и постепено замирање на трговските врски кои Битола ги имала со Солун а оддтаму и со останатите европски центри. Сосема брзо една окупација станува заменета со нова.

Прва и Втора Светска Војна

Овојпат српската краткотрајна окупација во 1915 год. по започнувањето на Првата светска војна е заменета со бугарската. Бугарските окупатори опстојувале во Битола само една година, по што во 1916 год. Битола потпаѓа повторно под власта на сојузничките војски (Италија, Англија, Русија и Србија).
Војските на сојузниците во овој период го запоседнале градот поставувајќи ја фронтовската линија со Централните сили во близина на Битола. На овој начин Битола повторно останува во центарот на настаните, односно во жарот на борбите и насилствата. Ваквата состојба се одразила исклучиво негативно во сите сфери на егзистирање на градот и неговото население.

A mother with her starved children in Bitola during the First World War (1916)
A mother with her starved children in Bitola during the First World War (1916)

Мајка со изгладнети деца во Битола, за време на Првата Светска Војна (1916)

Мирисот на чад и смрт бил постојаното секојдневие на градот сé до 1918 год. Поделеноста на градот на четири делови со различна окупациона власт (италијанска, француска, српска, и руска), но сите под главна команда на француските воени сили на чело со генералот Сикр, само ги зголемувале тензиите и ја влошувале и усложнувале општата состојба.
Како резултат на ваквата долгогодишна воена состојба градот започнал да наликува на град – сениште, град кој сиот свој сјај за само неколку години го заменил со вечна темнина и град кој сиот свој бурен живот го заменил со смрт. Битола станала гробница за стотици и илјадници војници. Сите тие наоѓајќи ја својата смрт во Битола, тука го нашле и своето вечно почивалиште. Германските, француските и српските гробишта се еден нем сведок кој на единствен и невообичаен начин доволно „зборува” за сите страдања и патила на луѓето.

German cemetery from First World War
German cemetery from First World War

Германски гробишта од Прва Светска Војна

French cemetery from First World War
French cemetery from First World War

Француски гробишта од Прва Светска Војна

Serb cemetery from First World War
Serb cemetery from First World War

Српски гробишта од Прва Светска Војна

Крајот на Првата светска војна не донесол ништо подобро за луѓето. Повторно се повторила истата приказна. Како во вечниот круг на пеколот едната власт заменета со друга полоша од претходната и така во недоглед.
Кралството СХС под чија власт подпаднал Вардарскиот дел на Македонија, трудејќи се да го наметне својот етнички и културен идентитет врз македонското самобитно население само ја влошувало состојбата. Како што растеле апетитите на сојузниците растела и тензијата. Повторно на градските порти по само дваесетина години затропала нова војна. Оваа Втората уште пострашна од Првата. Со капитулацијата на Кралството Југославија во април 1941 год. широко им биле отворени вратите на новите окупатори. Повторно истата наизменична смена на окупаторите, како тоа да е една вековна неминовност на која и нема крај. Србите протерани а на нивно место нови окупатори, фашисти, Германци и Бугари. Пак истите обиди за наметнување на туѓ идентитет и култура и обид за повторно етничко безобличување на населението.
Бугарски училишта, бугарски читални, бугарски списанија и сé со една иста цел – општа бугаризација на населението. Појавата на КПМ и активностите кои таа ги спроведуваше во четирите години колку што траеше Втората Светска војна, беа единствената светла точка која можеа да ја видат луѓето и која сосема разбирливо се обидуваат да ја достигнат.
Формирањето на партизанскиот одред Пелистер, Битолско-преспанскиот партизански одред, Одредот Јане Сандански и формирањето на Штабот на Втората оперативна зона претставувале вистински одраз на желбите на населението и идејата за конечно ослободување.
Покрај сите патила кои беа секојдневие во Битола со десетици години, сепак едно утро ја доведе најголемата човечка катасрофа која еден рационален ум и која едно човечко битие не би можело ни да ја замисли. Низ сите пеплишта и рушевини, низ реките со крв, едно мартовско утро во 1943 год. зачекорија од сон разбудените 3.269 битолски Евреи.

Deportation of the Jews from Bitola
Deportation of the Jews from Bitola

Депортација на Евреите во логорите на смртта

Тргнувајќи на ова патување тие не ни сонувале дека за 3.013 од нив, всушност тоа е нивното последно патување. Крајната дестинација логорот на смртта – Треблинка, како желно да ги исчекувал. Улиците исполнети со плачот на недонаспаните деца, исполнети со растреперените од страв души на Евреите го правеле воздухот леплив и неподнослив. Од околните прозорци ѕиркале очите на љувопитните, но и на оние кои скривајќи ги пријателите во своите домови проверувале дали се откриени во своите намери. Зад секое спуштено резе, како да се затворал еден живот, како да умирала и последната надеж. Сепак истрајноста во обидите и непокорот на населението исчеличени во долгите децени на надчовечки страдања му овозможило да ја дочека и преживее и последната година од војната. Припадниците на Првата македонско – косовска бригада, Втората и Третата македонска бригада, како и на Седмата битолска бригада, тешките, исцрпувачки, и натчовечки борби во текот на 1944 год. конечно успееја да ја отворат вратата кон слободата и за прв пат после долговековните страдања да ја остварат желбата за самобитност.
Дел од борците на овие бригади ги продолжиле своите воени походи и по ослободувањето на овој дел од Македонија, на воените фронтови во Срем, Босна, Хрватска и секаде каде што за тоа имало потреба сé до конечното ослободување во 1945 год.

The liberation of Bitola
The liberation of Bitola

Манифестации по повод ослободувањето на Битола
Борците од Битола и битолско учествувајќи на сите поважни фронтови дале значаен придонес во победата на антифашистичкиот режим. Во овој период значајна била и улогата на делегатите на АСНОМ каде од Битола зеле учество 9 делегати.

Битола по ослободувањето

Со завршувањето на Втората светска војна дојде до драстични промени во сите сегменти на човековото живеење. Долгоочекуваната слобода конечно пристигна и во Битола по што по долгогодишните војни и превирања конечно дојде до стабилизирање на состојбата.
Во овој период се поставуваат темелите на новото социјалистичко општество, започнуваат аграрните реформи, се врши национализација на приватниот имот и се воспоставува централистички начин на управување. Но негативните последици од ваквите промени започнуваат наскоро да се чувствуваат по што доаѓа до законски измени во одредени области со што би се надминале негативностите.
Во педесеттите години на XX век се започнува со воведување на работничкото самоуправување. Повоениот период како и законските измени доведоа до значителен прогрес во сите сфери на живеење. Доаѓа до стабилизирање на политичката состојба и значително подобрување на стандардот на живеење на луѓето. Транзицијата која започнува во 90тите годнини на XX век во економската сфера, доведува до промени и во општествените организации. Започнува трансформација на капиталот по што дел од општествениот капитал преминува во приватен. По осамостојувањето на Македонија транзициониот период продолжува, по што еден значаен дел од општествените организации отидоа под стечај за да на крајот бидат распродадени и ликвидирани.
Ваквата појава значително ја влоши економската состојба на населението, но сепак во Битола и денес опстојуваат и успешно работат не само општествени туку и приватни компании. Овој период свој одраз најде и во политичкиот систем по што некогашниот социјалистички систем на управување беше заменет со плуралистички. На политичката сцена во Македонија се создаваа различни политички партии. Дел од ови политички партии сеуште се активни и со својата активност значително допринесуваат во креирањето на општествената, економската и социјалната слика на живеење на народот. Процесот на децентрализација во последните неколку години успешно е започнат и менаџиран што доведува до реализација на различни проекти кои се во корист на граѓаните. Со завршувањето на процесот на децентрализација и со стекнувањето на поголеми ингеренции локалната самоуправа треба значително да придонесе во надминувањето на проблемите и состојбите кои произлегоа од долгите години на транзиции. Само на ваков начин и со максимално залагање таа ќе го врати вистинскиот сјај на градот кој всушност не исчезнал туку е тука некаде притаен околу нас.

Историја на Битола
%d bloggers like this: